Честит Ден на Нашата Борба

Денеска, кога Македонија го празнува Денот на македонската револуционерна борба и го слави 23 октомври 1893 година, кога во Солун, во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов е основана Македонската револуционерна организација, нашата нација стои исправена пред слични и исти предизвици со кои се соочувале основоположниците на Организацијата.

Денеска, на Денот на македонската револуционерна борба, кој претставува и симбол на континуитетот на македонската борба за независност, нашата организација, НОВ АСНОМ, смета дека во Република Македонија потребно ни е вистинско обединување на нацијата и вистинско граѓанско помирување.

НОВ АСНОМ смета дека на современата и самостојна македонска држава, со понижувачкиот Преспански договор, ѝ се нанесени големи штети на нацијата, а Македонското прашање претставува фигура во комбинаториките на Балканот и сè уште не е решено..

Нашите роднини во Република Грција, кои го зборуваат македонскиот јазик, како што е дефинирано во понижувачкиот Преспански договор, не можат да си ги остварат своите основни човекови права, не можат да го учат својот мајчин јазик, не можат да се организираат во културни, политички и национални заедници. Кршењето на нивното основно човеково право во Грција е норма која е игнориранана од ЕУ, а е поддржана од оваа влада.

Во Бугарија, нашите роднини, и покрај 14. пресуди во Судот за човекови права во Стразбур против државата Бугарија, сè уште не можат да си ги остварат своите основни човекови права. A Европската комисија, чија должност по закон е да ги спроведува пресудите од Стразбур и да ја санкционира Бугарија, ништо не презема да се имплементира законот во Европската Унија, додека оваа влада го игнорира нивното постоење.

НОВ АСНОМ, оваа Северна не ја чувствува како своја, впрочем, како и мнозинството етнички Македонци. Желбите на НОВ АСНОМ се исти како и на дејците кои ја основаа Македонската револуционерна организација, Република Македонија преку цврсто здружување и обединување на македонскиот народ.

Ние ги сакаме правдата, човековите права и владеењето на правото на ист начин како што и Европската Унија се залага во своите извештаи кон нас и очекуваме владеењето на правото и човековите права да се почитуваат на целата територија на Европската Унија, а не само на нејзини поедини делови.

Нека ни е честит празникот, знаејќи дека повторно ќе бидеме победници.

Нов АСНОМ, ново здружение на граѓани чија цел е враќање на името Република Македонија

Денешниот ден, 30 септември 2018 година е длабоко врежан во колективната меморија на македонскиот народ затоа што тој ден на мирен, демократски и законски начин рековме НЕ за северна Македонија. Сите последователни промени што се случија резултирајќи со промената на нашето уставно име се основно кршење на нашите човекови права на самоопределување, права втемелени во повелбата на Обединетите Нации, изјави денеска Сашо Маневски, еден од основачите на новото здружение на граѓани Нов АСНОМ. Маневски изјавата ја даде пред споменикот на АСНОМ наспроти македонското Собрание.

На денешната прва промоција на Нов АСНОМ, Маневски изјави дека целта на нивната организација е да не отстапат од постулатите на основните човекови права, враќање на уставното име Република Македонија, градење на правно општество каде што секоја индивидуа ќе има еднакви услови за нормален економски живот во здрава животна средина и јакнење на територијалниот интегритет и суверенитет на Републиката.

„За таа цел ние Македонците што живееме во Канада, Австралија и Македонија го оформивме здружението на граѓани Нов АСНОМ. Нашата Платформа ќе ја трансформира Република Македонија од нефункционална, корумпирана и неорганизирана држава во земја која, непоколебливо ќе ги штити и чува своите стратешки интереси на внатрешен и надворешен план. Денес општопознато е дека алатките на судството и обвинителството се користат од страна на корумпираните политички елити за управување на политичките процеси, а државната администрација и работните места што политичките елити корумпирано ги нудат е главниот гласачки генератор на нашава мизерна демократија. Нашата платформа ги таргетира критичните точки на системот и со нејзина имплементација ќе ја направи нашата држава функционална. Платформата има 5 точки, покрај враќањето на името Република Македонија. Ослободување на судството од корупцијата и надворешните влијанија како предуслов за целосно независно судство. Јакнење на јавното обвинителство за да се справи со корупцијата и обемниот политички криминал. Меродавна и департизирана администрација. Функционален Уставен суд кој ќе се справи со внатрешнополитички и надворешни влијанија“, рече Маневски.

/ In Новости / By mkasnomadmn / Коментарите се исклучени на Нов АСНОМ, ново здружение на граѓани чија цел е враќање на името Република Македонија