ЗА НАС

Ние сме Македонци, здружение на граѓани, и нѐ обединува болката предизвикана од македонската политичка елита која, во текот на трите декади на македонска независност, постепено и систематски го урнисува сето она за што се бореа нашите предци и го предадоа и продадоа името на нашата земја, Република Македонија, против демократската волја на нашиот народ. Ние живееме на сите континенти и без разлика каде и да сме, подеднакво нѐ боли загубата на Република Македонија.

Нашето здружување датира од летото 2018 г., кога се иницираше идејата за распишување референдум за промена на уставното име на Република Македонија. Поттикнати од тие премрежиња, се организиравме и ја оформивме www.bojkotirame.mk со цел да ја поттикнеме и поддржиме идејата за бојкот на референдумот.

Горди сме и чувствуваме голема чест што за време на референдумот одржан на 30 септември 2018 година бевме на иста страна како и мнозинството од нашиот народ. Тоа ни даде сила и верба да продолжиме понатаму за да го постигнеме она за кое генерации Македонци ги дадоа своите животи, и да тргнеме по нивните стапки знаејќи ги целта и патот до успехот. Коските на паднатите борци за Македонија се нашиот факел кој посакуваме да нѐ одведе до целта.

Нашите цели се јасни, недвосмислени, и не отстапуваме од нив сѐ додека не ги постигнеме. Платформата ја нудиме до нашиот народ како предлог-решение околу кое ќе се обединиме, знаејќи дека со нејзината имплементација не само што ќе ја возобновиме нашата Македонија, туку и ќе ја трансформираме во модерна и функционална држава во која секоја индивидуа ќе има ист статус пред извршната, судската и законодавната власт.

Ова е нашиот генерациски предизвик кој мора да го исполниме.

Без разлика каде и да сте, придружете ни се за повторно да ја извојуваме победата и да живееме во и да се гордееме со она што сите нѐ сплотува и најмногу не боли – Република Македонија.

Основачи

 

Сашо Маневски, Скопје
Претседател на Организацијата
Весна Наумовска, Скопје
Крис Вржовски, Перт, Австралија
Тони Петровски, Сиднеј, Австралија
Драги Маневски, Калгари, Канада