Денешниот ден, 30 септември 2018 година е длабоко врежан во колективната меморија на македонскиот народ затоа што тој ден на мирен, демократски и законски начин рековме НЕ за северна Македонија. Сите последователни промени што се случија резултирајќи со промената на нашето уставно име се основно кршење на нашите човекови права на самоопределување, права втемелени во повелбата на Обединетите Нации, изјави денеска Сашо Маневски, еден од основачите на новото здружение на граѓани Нов АСНОМ. Маневски изјавата ја даде пред споменикот на АСНОМ наспроти македонското Собрание.
На денешната прва промоција на Нов АСНОМ, Маневски изјави дека целта на нивната организација е да не отстапат од постулатите на основните човекови права, враќање на уставното име Република Македонија, градење на правно општество каде што секоја индивидуа ќе има еднакви услови за нормален економски живот во здрава животна средина и јакнење на територијалниот интегритет и суверенитет на Републиката.
„За таа цел ние Македонците што живееме во Канада, Австралија и Македонија го оформивме здружението на граѓани Нов АСНОМ. Нашата Платформа ќе ја трансформира Република Македонија од нефункционална, корумпирана и неорганизирана држава во земја која, непоколебливо ќе ги штити и чува своите стратешки интереси на внатрешен и надворешен план. Денес општопознато е дека алатките на судството и обвинителството се користат од страна на корумпираните политички елити за управување на политичките процеси, а државната администрација и работните места што политичките елити корумпирано ги нудат е главниот гласачки генератор на нашава мизерна демократија. Нашата платформа ги таргетира критичните точки на системот и со нејзина имплементација ќе ја направи нашата држава функционална. Платформата има 5 точки, покрај враќањето на името Република Македонија. Ослободување на судството од корупцијата и надворешните влијанија како предуслов за целосно независно судство. Јакнење на јавното обвинителство за да се справи со корупцијата и обемниот политички криминал. Меродавна и департизирана администрација. Функционален Уставен суд кој ќе се справи со внатрешнополитички и надворешни влијанија“, рече Маневски.