Вчерашната изјава на еврокомесарката за проширување Марта Кос дека нема гаранции за нови условувања на нашиот пат кон ЕУ е уште една потврда за безидејната надворешна политика на Владата на Република Македонија.
Таа се темели на барањето гаранции за предвидливост на нашиот пат кон ЕУ наспроти можните идни уцени од страна на соседите. Главната досегашна надворешна политика координирано водена од Премиерот, Претседателот и Министерот за надворешни работи се состоеше од дипломатска офанзива за исправноста на нашите ставови, при тоа игрнорирајќи го начинот на носење одлуки во ЕУ, значењето на поимот гаранции и политичката воља на Македонскиот народ.
Да бараш гаранции за својот идентитет од страна на институциите на ЕУ или пак одредени членки е апсурдно затоа што не постојат гаранции во меѓународните односи. Истите не се издаваат од страна на унијата, ниту пак земјите членки практикуваат давање гаранции.
Ова барање го игнорира принципот на носење одлуки со консензус во Советот на Министри – тело кое првенствено носи политички одлуки, а второстепено – меродавни, базирани на исполнување на поглавјата во преговори со ЕУ.
Изјавата на Кос само ја потврди ваквата безидејна и погрешна надворешна политика заснована на игнорирање на интересот на Македонскиот народ демократски изразен на референдумите на 8 Септември 1991 и 30 Септември 2018 година кои гласеа: не во ЕУ под името Северна Македонија.
Кога на сево ова ќе ја додадеме изјавата на Министерот за Надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев, дека внесување на Бугарите во уставот не е единствениот услов за преговори, тогаш се комплетира сликата за нашата политичка елита, позиција и опозиција. Двете најголеми македонски партии водат погрешна надворешна политика која резултира со подреденост и пониженост во однос на соседите на патот кон ЕУ. При тоа се запоставуваат важни потенцијални алтернативни економски развојни можности и развивање на структурни реформи во образованието, здравството и во државната администрација.
НовАсном смета дека барањето алтернативни економски решенија е дел од економскиот прогрес на Македонија имајќи го во предвид спориот раст на ЕУ. Македонскиот извоз на европскиот пазар во 2024 година е намален за повеќе од 5% во однос на претходната 2023 година.
Во тој контекст врвен приоритет треба да биде постигнување на договор за слободна трговија со Кина од каде што увезуваме повеќе од една милјарда евра годишно и тоа токму за производи за широка потрошувачка. Со укинување на царините на производите од Кина ќе се намалат цените на проиводите кои граѓаните ги користат најмногу. Оваа мерка е многу поефикасна од обидите за ограничување на маржите или пак за замрзнување на цените на мало што владата очајно се обидува успешно да ја спроведе.