НовАсном најостро го осудува криминалниот, монструозниот и крајно нехуман однос на одредени здравствени работници на онкологија кои предизвикаа револт и вџашеност кај народот но и силен крик и повик за одговорност. Случувањата на онкологија ја прелеваат чашата на гневот кај македонецот кој е убеден дека криминалот на онкологија, години по ред се вршел со знаење на највисоките претставници на власта кои ништо не превземале да престане тивкото убивање на пациентите од најтешката болест кои тука дошле, барајќи ја последната шанса за спас од умирачка.
НовАсном прашува зошто досега нема одговорност, зошто нема оставки, зошто нема апсења, прашуваме каде е правдата за овој геноцид и криминал сторен од мафијашите во онкологија што само во оваа скандалозна Македонија го има. Искрено сочуствуваме со жртвите и болните од рак и искрено ја разбираме нивната болка, разочараност и целокупната состојба во која се наоѓаат. Ова е дното на сите дна од македонското 30 годишното партизирано здравство кое, за жал го зема својот данок со најнечовечкиот однос што се случи на клиниката.
Од друга страна, се прашуваме зошто баш сега, скандалот е во центарот на нашето внимание кога во јавноста веќе три години циркулира информацијата која беше обелоденета од главниот и одговорен уредник на еден неделник во Македонија за криминалите на онкологија ? Зошто до сега немаше навремена и брза реакција од полициските и правосудните институции, каде беа обвинителите и другите одговорни до сега, зошто се чекало и молчело со години по ред, зошто не презеле ништо по службена должност по допрен глас, дали некој спречувал спроведување на истрага?
НовАсном смета дека во Република Македонија имаме труло и болно здравство но и сериозен системски проблем во здравството кој е „симбол“ на сите досегашни партии на власт и опозиција. НовАсном бара оставкa од Министерот за здравство, тоа е најмалку што може да го стори заради сите починати пациенти на онкологија-жртви на медицинската мафија на клиниката.
Повеќе од очигледно е дека потребна ни е нова свежина и сила која одлучно ќе спроведе здрави, суштински и функционални реформи што пак, ќе резултираат со професионално и непартиско здравство чиј фокус ќе биде пациентот а не криминалот и профитот.